Sveti Ilija

За искушенијата и навредите


Ако ѓаволот не може од внатре да те заведе, почнува да те мачи надворешно – преку луѓето кои му се потчинети. Затоа биди подготвен за ова страдање и очекувај ги непријатностите да ти дојдат на гости. Еднаш ти се приближуваат пофалби, потоа укори, клевети и тешкотии од секаков вид.

Многу е важно да сфатиш кој ја предизвикува бурата, и сето тоа мирно да го поднесеш: непријателството против одредени луѓе треба да се претвори во непријателство против лукавиот кој стои позади нив и ги поттикнува на непријателство. Кога ќе надојдат работи кои те натажуваат и лутат, обрати Му се на Бога и не му дозволувај на ѓаволот да ти пријде. Ако не успееш во тоа, тогаш барем молчи додека не се совладаш. Потоа мирно и љубезно зборувај со другите.

Не им замерувај и не ги потсетувај на направената неправда. Само моли Му се на Бога лошите впечатоци во срцето да исчезнат што е можно побрзо. Така ќе бидеш чист пред Него, Кој го води човекот чекор по чекор, преку неволјите кои чистат. Тешко е без неволји да го победиме своето фарисејско самооправдување.

Со силите со кои ги поднесуваш искушенијата се мери твојата внатрешна зрелост. Преку неа лесно можеш да дознаеш на која скала на зрелоста се наоѓаш. Ако на оној што те навредил не му простуваш целиот свој живот, биди сигурен дека внатрешниот пат воопшто не си го ни започнал. Ако си бил навреден, па после една години си успеал да ја заборавиш, значи дека стоиш на најниската скала на внатрешниот труд. Колку напредуваш во духовниот труд, толку побрзо ќе можеш да ги простуваш нанесените навреди; после еден месец, една недела, еден ден.

А како во таквите ситуации се однесува оној што Му е посветен на Бога? Тој ја гледа стрелата на наврдата што лета кон него и се заштитува со Божјото име, како со оклоп. Навредата се одбива од него и не остава ниту најмала гребнатинка. Ако си стигнал до ова, можеш да сметаш дека си напреднал во духовниот живот.

Меѓутоа, никогаш не го губи од вид најважното: Бог допушта искушенија за да те испроба, или за да созреат твоите духовни сили. Затоа, прифати го искушението мирно и поднеси го спокојно, без омраза кон тие што те навредуваат. Ако истрпиш ќе стигнеш до поголема чистота. Сѐ поднеси, чувајќи го внатрешниот мир и Божјата љубов, повикувајќи Го Господ напомош за искушувачот да се оддалечи од тебе.

Преподобен Нил Сорски

1775 Bris­tol Road West
Mis­sis­sauga Ontario L5M 2Y5 Canada

1 (905) 82180550

moc@​st-​ilija.​ca

Дома Духовност За искушенијата и навредите